„Вино, љубов и музика... вечна симфонија на сетилни волшепства и блага опиеност на срцето кои лебдат во нераскинлива прегратка...“ стоеше меѓу другото во своерачно напишаната порака која спакувана со срце од чоколадо и црвена тантела го пречека секој од посетителите на неговото седиште пред почетокот на саботниот осмомартовски концерт на Владо Јаневски насловен како „Ноќ на вино и балади“.
Само неколку стотини среќници имаа можност да бидат сведоци на волшебната вечер во која Владо и 12-мината музичари на речиси нестварно убавата сцена на Драмскиот театар во Скопје ги изведоа најубавите балади кои станаа заштитен знак на неговата кариера. Како и на секој концерт Владо се појави на сцената во костум и кошула специјално скроени само за таа прилика, а со првите звуци на клавирот во „Твоите очи“ започна двочасовното емотивно патешествие низ суптилниот внатрешен свет на чувствата, на кое присутните со сето срце му се придружија на нивниот домаќин. Атмосферата на блискост во малата сала со секоја песна прераснуваше во своевиден мост преку кој струеше посебната љубов која Владо веќе одамна го врзува со неговата публика. Тој ја отпеа и својата омилена руска балада „Очи чорније“, премиерно исполни и една од новите балади за следниот албум, а крајот го означија „Ако не те сакам“ и „Некогаш и негде“. Но, тоа не беше и крај на вечерта. Дружењето продолжи во фоајето на театарот каде гостите ги пречекаа шармантните хостеси нудејќи им врвни кулинарски специјалитети и ретки вина од најквалитетните селекции од ова поднебје. Тоа беше можност сите гости лично да се запознаат со Владо, да си наздрават со полни чаши и да му ги пренесат своите впечатоци од оваа по многу нешта единствена и незаборавна вечер. Фото галерија слика 1, слика 2, слика 3, слика 4, слика 5, слика 6, слика 7, слика 8, слика 9.