РАСПРОДАДЕН ПОЧЕТНИОТ ТИРАЖ НА НОВИОТ АЛБУМ

„Повторно се заљубувам во тебе“ го оправдува епитетот на најисчекуван албум во 2006-та. Во продажната мрежа се појави на 27-ми Декември, а веќе дваесетина дена подоцна целокупниот почетен тираж од 10.000 примероци се пресели во приватните колекции на љубителите на музиката на Владо Јаневски.

Од издавачката куќа „Аворд“ ја дополнија оваа информација со податокот дека веќе е во продажба луксузното издание на албумот со многу фотографии и текстови на сите песни. „Аворд“ на 15-ти Јануари во скопскиот „Александар Палас“ приреди и официјална промоција на македонското издание на албумот . Покрај новинарите од сите медиуми беа присутни и негови драги колеги и пријатели од естрадата. Владо, доследен на својот принцип „концертите се за пеење а промоциите за информирање“, ги поздрави своите гости и им презентираше податоци за албумот и неговите  планови за активност во оваа година. На коктелот што следеше „Аворд“ и „Т-Мобиле“ подарија бесплатни примероци од албумот за сите во салата.
Врвниот македонски актер Никола Ристановски кој минатата година глумеше во спотот за „Лесно ти е да ме оставиш“ овој пат се појави во улога на водител, а директорката на ОУ„Кузман Јосифовски - Питу“ во името на учениците и наставниците  искажа  јавна  благодарност за финансиската помош која училиштето ја доби со остварениот приход  од хуманитарниот концерт што Владо го одржа пред месец дена во Скопје.