КОНЦЕРТ ВО ОУКЛЕНД, НОВ ЗЕЛАНД

Владо е првиот пејач од Македонија што одржал концерт на Нов Зеланд“ беше коментарот на претставникот на здружението на тамошните иселеници. И навистина, никој не можел да се присети кога во некоја концертна сала во Оукленд ечела македонска песна како што тоа беше случај во саботата на 10-ти Мај на концертот на Владо Јаневски.

На Нов Зеланд нема толку бројна македонска заедница како во Австралија, и можеби токму затоа никој не сакаше да ја пропушти оваа ретка прилика да се провесели со своите сонародници на концерт. Како по непишано правило публиката ги пееше сите песни заедно со Владо, кој им призна дека никогаш не бил подалеку од дома, а окружен со толку љубов како таа вечер. Специјално изненадување беше изведбата на  двете неодамна снимени патриотски песни „Заветна“ и „Земјо Македонска“ кои се вклопија во целокупниот впечаток на сплотеност и заедничка припадност на сите Македонци кои преку песните на Владо го почувствуваа здивот на родниот крај. Преполн со импресии од концертот Владо на својата публика и вети дека и во иднина секое негово гостување во Австралија ќе подразбира и концерт во Оукленд.
Турнејата на Владо Јаневски продолжува со концерти во Мелбурн (16 Мај) и Сиднеј (23 и 24 Мај).