БЕВТЕ ЛИ НА КОНЦЕРТ?
Сите кои присуствуваа на концертите од предновогодишната мини-турнеја на Владо Јаневски се едногласни: Се беше - макси!
Прва станица на караванот од околу 35 музичари и технички персонал ангажирани за потребите на оваа концертна продукција беше Градот на културата за 2008 - Битола. Снегот и ладното време можеби би поколебале многу фанови на некој друг пеач, но за обожавателите на Владо Јаневски дилема немаше: одиме на концерт! Двеиполилјадната публика во која се најде и градоначалникот Владимир Талески уште со првите тактови на првата песна ги загреа дланките и грлата и предновогодишната битолска бајка можеше да започне. Владо во врвна физичка и пеачка форма со дузина одлични музичари зад него, како и одличниот звук и светло на сцената недвосмислено навестуваа концерт и атмосфера која Владо и неговата публика секогаш заеднички ја создаваат за незаборав. Се чинеше како сите песни да се само повод за славењето на неминливата љубовна врска која Владо ја негува со својата публика веќе 15 години. Битолчани го сакаат Владо, а таа вечер тој им се подари себе си без остаток. Еуфоријата и веселото расположение од првиот концерт како да се преслика и во Струмица. Податокот дека последниот пејач кој ја наполнил спортската сала во Струмица беше токму Владо пред 12 години, доволно зборува колку тука ги сакаат неговите песни. Ниту исклучително ладното време не застана на патот на добрата забава и силните емоции кои ги стоплија срцата на публиката која ги пееше сите песни заедно со нивниот миленик. Владо и самиот беше пријатно иэненаден од големиот број на тинејџери кои дошле да го слушаат - и навистина многумина беа помлади од некои од песните што така грлено ги пееја. Владо и неговите музичари исполнија околу триесетина песни, па затоа на општо задоволство концертот траеше повеќе од два часа.Тоа беше ретка прилика сите да ги слушнат своите омилени рефрени одсвирени и одпеани во живо.
Спортската сала во Охрид беше место на последниот од трите концерти, а Владо и неговата придружба допатуваа во градот сеуште под влијание на впечатоците од претходниот концерт во Струмица. Расположението се вжешти уште повеќе кога организаторот соопшти дека според бројот на продадените влезници се очекува пеколна атмосфера. И така и беше: публика од сите генерации и повторно многу тинејџери со врисоци го пречекаа Владо кога од темнината застана на ѕвездената бина и ја запеа "Срце преку небото". Се редеа стари и нови хитови а со секоја следна песна публиката се повеќе ја превземаше главната вокална улога на концертот. Како по некое непишано правило кога се во прашање неговите концерти се создаде магична врска меѓу Владо и неговата публика, како да беа "со конец невидлив во срцата поврзани". Како и претходните вечери премиерно беше изведена најновата "Од овој ден" за концертот да кулминира со епската "Земјо македонска". Салата ечеше кога од илјадници грла се излеа една од најпатриотските песни на сите времиња и се развеаа црвено-жолти энамиња, а на бис Владо ги почести со длабоко емотивната "Некогаш и негде". И сигурно е дека сите посакаа една ваква вечер да се повтори што поскоро. Галерија на фотографии: 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 |