АВСТРАЛИЈА: КОНЦЕРТИ, МИТИНЗИ, ДРУЖЕЊА...
 По незаборавната недела помината на Нов Зеланд и концертот во Окленд, Владо и придружната екипа допатуваа во Австралија каде нестрпливо ги очекуваа илјадници Македонци со веќе купени билети за концертите во Мелбурн и Сиднеј.
Промотерската компанија „Миксдаун“ како да го предвиде големиот интерес за Владо Јаневски па експресно ги распродаде сите влезници во двата града. Заеднички именител на концертите беше фактот дека публиката составена од неколку генерации здушно пееше и се веселеше на секоја песна, а општиот впечаток на публиката беше дека колку и да траат концертите на Владо таа бара уште и го враќа на бис својот миленик.
Се пееја песни од сите албуми на Владо, а посебен емотивен набој создаде хорското пеење на новите „Заветна“ и „Земјо Македонска“ како и останатите хит-рефрени од репертоарот на Владо: „Црно тиквешко“ , „Дома си е дома“... Можеби најдобра илустрација се зборовите на еден обожавател кога добиваше автограм по концертот: „Заради Владо вечерва се чувствувам убаво, како да сум на другиот крај на светот - во Македонија!“ Со колку ентузијазам Владо ја спроведе својата турнеја говори и фактот дека во ист ден беше присутен на пладневниот семакедонски митинг за признавање на уставното име пред парламентот во Мелбурн, а веќе истата вечер пееше на концерт во Сиднеј без трошка замор и со радосен сјај во очите. Останатите негови активности вклучуваа и посета на Друштвото на Македонците во Мелбурн во придружба на македонскиот конзул, како и денот поминат со најмладите Македончиња кои посетуваат настава на својот мајчин јазик во училиштето „Карлтон“ во Рокдејл, Сиднеј. Неговите најмлади обожуватели го пречекаа пеејќи негови песни и со многу подароци, а тој долго разговараше со нив и им раскажуваше за своето детство и училишни денови.
„Земјо Македонска“ .mp3 download.
 |