ИЛИНДЕНСКИОТ КОНЦЕРТ НА ВЛАДО ЗА ПАМЕТЕЊЕ!

Владо Јаневски веќе долго време важи за голем концерт-мајстор, но она што 3000 посетители го доживеаа во четвртокот во античкиот театар во Охрид дури и ги надмина високите критериуми што Владо ги постави со своите досегашни концерти во живо.

Полните трибини навестуваа одлична атмосфера која веќе на првата песна „Напрај место“ прерасна во ерупција на одушевување. Владо се појави во уникатен сатенски костум скроен специјално за таа вечер и видливо расположен отпеа дури 30 свои хитови придружуван од својот 8-член бенд.
Во голем стил Владо ја поведе публиката на двоиполчасовно емотивно патување низ разни периоди од својата кариера, со многу енергија и ритам но и длабоки емоции во неговите легендарни балади. Пеејќи го секој збор заедно со него, публиката од сите генерации концертот го претвори во незаборавна вечер на тој начин искажувајќи ја својата неминлива поврзаност со Владо и неговите песни.

Во меѓувреме добивме бројни меилови од оние кои присуствувале на концертот и сите се едногласни во мислењето дека ова бил веројатно најдобриот концерт на Владо Јаневски во кариерата!

Како спомен на тoа магично охридско доживување, во текстот вметнавме и линкови до ексклузивните фотографии од вечерта кога Владо стана „крал на блесок магичен“ !