Со сеуште свежи импресии од успешниот концерт одржан во Тетово претходната вечер, патувачкиот концертен земјотрес на Владо Јаневски во саботата на 25-ти Август пристигна и во Битола. Владо и неговиот музички караван ги пречекаа полни трибини на античкиот локалитет Хераклеа кој обвиткан со sвезденото небо и во сјајот на полната месечина изгледаше величествено, како и што доликува на концерт на нашата мегаsвезда и на чинот на затворање на „Битфест“ - Битолско културно лето. По тој повод градоначалникот Владимир Талески ги поздрави присутните и го најави концертот. И тогаш со првите тактови на уводната песна настана она што веќе има и свое име - патувачки земјотрес на Владо Јаневски. Повторно за тоа беше најзаслужна публиката, овој пат тоа беше битолската. Повеќе од два и пол часа танцуваа и ги пееа сите песни, а тој двеилјаден хор како додатно да ги инспирираа Владо и бендот да испеат и одсвират беспрекорен концерт. Со енергијата и емоциите кои ги подели со своите верни обожуватели во таа магична вечер, Владо уште еднаш го оправда епитетот на исклучителна концертна атракција.