ВЛАДО ЗАЕДНО СО КУМАНОВЧАНИ ВО 2008-МА
На 31-ви Декември новиот Градски плоштад во Куманово беше сцена за првиот организиран масовен дочек на Новата година. Ни студенито време не можеше да ги спречи кумановчани да го исполнат свечено украсениот плоштад по угледот на големите европски метрополи.
Уште во попладневните часови Владо со својата придружба пристигнаа во Куманово каде што беа срдечно пречекани од највисоките функционери на општината и градот, кои заедно со најголемите кумановски бизнисмени се и најзаслужни за одржување на овој новогодишен концерт. Прославата ја отворија настапите на кумановските тамбураши и лимени оркестри со легендарниот Нино Величковски. Точно на час пред полноќ започна концертот што градот долго го исчекуваше. Владо и неговиот бенд со редица познати рефрени бргу ги загреаа срцата и дланките на илјадниците славеници кои пеејќи заедно со Владо создадоа еуфорична атмосфера. На неколку минути пред полноќ на сцената се искачи и градоначалникот на Куманово д-р Зоран Дамјановски и заедно со Владо и публиката ги одбројуваа последните секунди од годината. По спектакуларниот огномет следуваше и празничната честитка на градоначалникот Дамјановски до своите сограѓани. „На полноќ се палат запалки...“ ечеше кумановскиот плоштад кога Владо продолжи со својот концерт уште цел час во најмагичната ноќ во годината преполна со емоции и желби за среќна и бериќетна година.
|